Со Бадникова поворка најмладите во Охрид го одбележаа големиот празник
Околу шестотини коледарчиња во Бадникова поворка, пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ прошетаа низ охридските улици и чаршијата, најавувајќи го Христовото раѓање. Оваа традиција која згаснала по Втората Светска војна беше возобновена пред десет години на голема радост на охриѓани, но и на туристите кои уживаа во прекрасните коледарски песни на најмладите…

Охриѓани денеска ја продолжија старата изворна и духовна традиција на прославување на Бадник. Повеќе стотици дечиња пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ продефилираа низ охридските улици и чаршијата симболично навестувајќи го раѓањето на Исус Христос. Годинава за прв пат во Бадниковата литија се приклучија и деца со посебни потреби кои заедно со своите врсници ја споделија радоста по повод големиот празник.
„Кристијан се викам, имам 17 години и оваа година за прв пат сум во поворката. Многу сум среќен што сум во поворката“.
„Многу сум среќен кога ја пеам песната Вечниот Бог“.
„Јас сум многу среќна што учествувам во поворката“- велат дел од децата.
На градскиот плоштад малите ангелчиња беа дочекани од градоначалникот Кирил Пецаков и други видни граѓани на Охрид, кои им поделија пригодни подароци на учесниците во Бадниковата поворка.
„Традицијата е една од основните работи којашто била движечка сила на овој народ низ вековите. Наша работа е да ја почитуваме традицијата споено овој пат со религијата и тие се тие вредности на коишто треба да ги учиме нашите деца и секако да ја продолжат исто оваа традиција“, изјави градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
„Оваа година после тие две години пандемија значи се излеа радоста низ улиците на Охрид пеејќи ја „Вечниот Бог“ околу 600 деца учесници на Бадниковата поворка. Имаме приклучени деца од Дебрца, Струга исто така има Бадникова поворка, Велгошти“, додава Летка Филипова-координатор на манифестацијата „Бадникова поворка“.
Сончевото и топло време за овој период од годината придонесе чаршијата да се исполни со граѓани на Охрид, но и гости од земјава и странство кои уживаа следејќи го овој народно-црковен церемонијал.
Сашо Нелоски
