Македонија

Бадник масовно одбележан и во Тетово

06.01.2023 15:52

По две години пауза бадникарската поворка годинава масовно се одбележа во Тетово. Дечињата со коледарската песна „Вечниот Бог“, низ тетовските улици го најавуваа Христовото рождество …

Од детските грла со коледарската песна „Вечниот Бог“ низ тетовските маала се најавуваше Христовото раѓање. По отслужената литургија, бадникарската поворка тргна од Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“.

Напред со витлеемската пештера поворката направи обиколката низ центарот на Тетово. На градскиот плоштад сите заеднички со божиќен концерт го прославија празникот.

По тешките пандемски години со изолација, радосни сме што заеднички ги празнуваме божиќните празници во духот на Христијанството, велат тетовци.

Колку недостигаат ваквите празнувања, говори и денешната масовност, велат од Тетовското архиерејско намесништво.

Вечерва во Тетово ќе се одржи и традиционалниот бадникарски маскенбал, а нема да изостанат и бадникарските огнови, каде во тетовските маала со посна трпеза ќе се дочека Христовото рождество.

Зоран Димовски