Битола

Кризата удри и врз копаничарската дејност

07.01.2023 11:35

Битолчанецот Гоце Крстевски годинава одбележува три децении професионална копаничарска дејност. Квалитетот на добриот копаничар вели, се препознава преку изработката на иконостасите. Задоволен е што има наследник во еден од двата синови, но стравува за иднината бидејќи по пандемијата речиси на нула е сведена продажбата на икони и други изработки…

Пред три децении дотогашното хоби го претвори во професионална дејност. Битолскиот копаничар Гоце Крстевски од пресеченото дрво создава уметничко дело и му дава нов живот. Освен квалитетен и добро исушен материјал, потребен е современ алат, јасен проект и многу труд и трпение. Најдобро се чувствува кога публиката ќе даде позитивна критика. Зад себе вели, оставил илјадници дела од минијатури па се до иконостаси, преку кои се препознава квалитетниот копаничар, напоменува Гоце.

Во земјава и нашите духовни светилишта ширум светот, досега изработиле 36 иконостаси. Иако сите се ремек дела, еден им е најмил, вели неговиот син наследник.

Во изминатиов период копаничарството имало падови, но најтежок е ударот што го нанесе пандемијата и светските кризи. Велат на прсти се бројат продадените икони во последниве три години.

Оптимисти се дека и ова ќе се надмине. Она што најмногу ги загрижува, велат, е тоа што интересот кај младите за копаничарството речиси и да не постои.

Стевче Митревски