Бадникарски маскенбал во Тетово
Со традиционалниот маскенбал и палење на бадникарскиот оган синоќа во Тетово се прослави Бадник и се дочека Христовото раѓање. Граѓаните ја поздравуваат ваквата традиција која обединува, но сметаат дека треба да биде поорганизирана…

Бадникарскиот маскенбал во Тетово и годинава традиционално го започнаа најмладите. Маскирани во групи одеа по тетовските семејства пеејќи ја песната „Бдња баба“.
Традиција е преземена од паганско време. Прифатена е и од повозрасните, кои бадникарската вечер маскирани во духовити и инвентивни маски, ја поминуваа во тетовските кафулиња и дискотеки.
Традицијата треба да продолжи, оти ваквите настани нè обединуваат, велат тетовци. Но, сепак маскенбалот треба да биде поорганизиран со централна прослава или пак со дефиле по градските булевари.
Синоќа во тетовските маала беа запалени бадникарски огнови, а со посна трпеза и музика, православните верници го дочекаа Христовото раѓање.
Зоран Димовски
