Празник

Православните христијани слават Божиќ, верниците ги наполнија храмовите

07.01.2023 13:08

Православните христијани го слават рождеството Христово. Верниците ги наполнија храмовите на божиќни литургии, посакаа добро здравје, среќа и бериќет. Да ги сакаме и почитуваме татковината, историјата, јазикот и оставината од нашите предци, порача поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан…

Мир божји, Христос се роди. Православните христијани го чествуваат Христовото раѓање. Едно од верувањата, врзани за овој најсветол празник е дека денеска кој прв ќе влезе во вашиот дом ќе донесе среќа, здравје и бериќет.

Божикното утро почна в рани зори со биење на камбаните и со литургии во сите православни цркви и храмови. Граѓаните запалија свеќи за мир, здравје и бериќет. Велат, традицијата ќе се испочитува, божиќната трпеза е подготвена.

Во Соборниот храм во Скопје, Света божествена литургија, со којашто чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан.

Во неговото божикно послание, архиепископот рече дека Македонската црква ги чувала, ги чува и ќе ги чува сите радости и страданија, стремежи и копнежи на македонскиот народ и посочи дека конечно е исправена неправдата со нејзиното непризнавање.

Пред светот ја потврдивме вистината за нашата црква, за македонскиот јазик, за нашата култура и посебност, вели во посланието, поглаварот на МПЦ-ОА.

Александра Спировска