Македонија

Политичарите со повици за сплотеност и обединување го честитаа Божиќ

07.01.2023 13:43

Божиќ е празник на радоста, на утехата и на благодарноста. Да си помагаме, да се почитуваме, со добра мисла и дела да одиме напред, сплотеноста и заедништвото да ни бидат водилка- државниот врв и политичарите со честитка до православните верници што го слават рождеството Христово…

Со пораки за здравје и среќа, но и со повици за сплотеност и обединување, политичарите на граѓаните им го честитаа големиот празник Божик – Рождеството Христово. Премиерот Ковачевски, кој присуствуваше на светата Божествена литургија во Соборниот храм во Скопје, вели, само добра мисла и добри дела може да одиме напред.

„Како што празникот сите нè обединува во семејниот дом, така нека нè обедини и во сите други сфери на живеењето. Во духот на денешниот празник да се потсетиме на неговата симболика – да сакаме, да почитуваме, да простуваме, да помагаме и да подаваме рака на оние на кои им е потребна помош. Само со добрина во нашите срца и желбата за сплотеност ќе можеме да ги победиме разните искушенија пред кои сме исправени“-пишува во честитката од премиерот Ковачевски.

На литургијата во Соборниот храм присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека само со заедничко делување може да се промени тешката реалност за да не живееме повеќе во неизвесност и несигурност.

„Ова се денови кога треба да се обединиме без разлика на нашите политички разлики, ова се денови кога треба да упатиме порака на заедништво, тоа ни е потребно, ние сме мал народ, мала држава, само обединети и ако се почитуваме ќе стигнеме до целта“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Граѓаните да бидат среќни, годинава да биде подобра од минатата – посака градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

„На граѓаните би сакала да им посакам да бидат среќни, со добро здравје, весели, да живеат во благосостојба, оваа година да биде подобра од минатата. Се надевам дека 2023-та ќе биде година во која ќе си помагаме, ќе бидеме хумани и солидарни, со што ќе ја направиме земјава подобро место за живеење“, изјави градоначалничката Арсовска.

Во празничните честитки, министерот Спасовски посака нова енергија за справување со предизвиците, а вицепремиерот Маричиќ побара поголема одговорност за доброто на сегашните и на идните генерации. Пораки за сплотеност и обединување испратија и други политичари и партии.

Марина Стојанова-Тонева