Политика

Обвинувања за предавство за уставните измени

07.01.2023 14:24

Уставните измени не се обединување, туку предавство кое внесува раздор помеѓу македонскиот народ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски со повик за брзи предвремени избори. СДСМ одговори – предавство е да се блокира европскиот пат, гласањето ќе биде во редовниот термин…

Меѓупартиска божиќна кавга што е предавство-уставните измени или лажењето на народот. Уставните измени внесуваат раздор помеѓу македонскиот народ и не се обединување, туку предавство, некој требаше да го мисли тоа пред да договора, обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој остана на ставот дека на земјава ѝ се потребни предвремени парламентарни избори уште во мај, на кои партиите граѓаните јасно ќе го кажат ставот за отворање на Уставот. Мицкоски вели дека и пратеници од СДСМ и ДУИ јавно рефлектираат позиција дека се за предвремени парламентарни избори.

„Ние не излеговме на избори ветувајќи им на граѓаните промена на Устав, не излеговме на избори ветувајќи им на граѓаните потпишување капитулација и предавство. Тој што тоа го потпишуваше треба да знае дека нема услови да го испорача. Тоа е токму еден од тие моменти кои внесуваат раздор меѓу македонскиот народ. Но, македонскиот народ е мудар и ако ги погледнете сите мерења на јавното мислење, ќе видите дека огромно мнозинство, повеќе од три четвртини, се противи на таквиот чин“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Ќе нема предвремени избори, Мицкоски е заложник на Апасиев и во сенка на Груевски и води предавнички политики, одговорија од СДСМ.

„Членството во ЕУ со признаен македонски јазик и идентитет е врв на патриотизам и исполнување на стратешка цел, поставена од независноста. Предавство е да се лаже својот народ, да се блокира европскиот пат и признавањето на македонскиот јазик и идентитет во големото семејство на европски народи“, одговорија од СДСМ.

СДСМ остана на ставот дека изборите ќе бидат во редовниот термин, во 2024-та година.

Миле Ристески