Евроинтеграции

По празниците почнува скринингот за кластерот „Внатрешен пазар“

07.01.2023 14:30

Од втората половина на јануари ќе продолжат билатералните состаноци за поглавјата Право на основање и слобода на давање услуги, Право на трговски друштва и Право на интелектуална сопственост...

Скринингот за кластерот „Внатрешен пазар“ почнува непосредно по празниците. Од втората половина на јануари ќе продолжат билатералните состаноци за поглавјата Право на основање и слобода на давање услуги, Право на трговски друштва и Право на интелектуална сопственост. Ќе следуваат поглавјата: Слободно движење на стоки, на работници, на капитал, Политика за конкуренција, Финансиски услуги и Заштита на потрошувачи и Здравствена заштита. Со ова би била завршена оваа фаза од процесот на преговорите.

Во областа на основање и слобода на давање услуги, земјава постигнала ограничен напредок и е умерено подготвена – оцени Европската комисија во извештајот за напредокот на земјава.

„Националните јавни административни органи не ги признаваат сертификациите за системите за квалитет, издадени од компании регистрирани во земји-членки на ЕУ. Со ова се попречува слободата на давање услуги и тоа е против мултилатералната спогодба за меѓусебно признавање на сертификации“, стои во извештајот на ЕК.

На земјава ѝ се препорачува да ги зголеми обемот на информации и онлајн пристапот до услуги, да продолжи усогласувањето со правото на ЕУ за поштенски услуги и особено во однос на услуги и заемно признавање на професионалните квалификации. Земјата бележи добро ниво на подготвеност во однос на правото на трговски друштва, иако сè уште е во рана фаза на слободата на движење за работниците. Комисијата порачува да се зајакне улогата на Советот за унапредување и надзор на ревизијата. Извештаите од скрининзите, покрај годишниот извештај ќе бидат основа за ревизија на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и креирање на приоритетите. Со ова би била завршена оваа фаза од процесот на преговорите.

Фиљана Кока