Тежок вооружен грабеж во струшка златара
Тежок вооружен грабеж се случи во центарот на струшката чаршија во златарата Циркон. Грабежот се случил некаде околу 18.30 часот кога струшкото шеталиште е преполно со луѓе. Очевитците кои не сакаа да зборуваат пред камера, кои беа видно преплашени за екипата на МРТВ изјавија дека вистинска драма се случувало, се слушале истрели од огнено оружје, куршуми фрчеле на сите страни а затекнатиот народ преплашен бегал на сите страни.

Во овој инцидент како што ни потврдија и од СВР Охрид учествувале три вооружени лица со фантомки на глава. Во струшката болница се згрижени три лица од кои едно од нив е со прострелна рана.
„Околу 18 часот и 40 минути се јавија во хируршка амбуланта Општа болница Струга три лица повредени, едниот беше повреден од огнено оружје во предел на скочен зглоб во левата нога исто така има и една перфорантна рана над тендинус акили, која има влезна и излезна рана и неколку проектили кои се приметуваат на рендген снимката. Немаат проектилите округла форма, чудна форма како важно е што се вон животна опасност. Другите двајца се повредени со кундакот од пиштолот барем така велат двете повредени лица. Еден е повреден во пределот на челото на паријаталниот дел од десна страна, а другиот е во процесус мастуидиус на темпоралната коска. Се жалат на болки и вртоглавица, но дадена е соодветната помош и се вон животна опсаност. Едниот ќе биде префлен во болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“, тоа е повредениот со проектили“, вели Берат Лени, хирург во општата болница во Струга.
Полицијата ги превзема сите неопходни мерки за откривање на сторителите и расчистување на случајот.
Ова е втор вооружен грабеж за само една недела и тоа и двата на сред бел ден. Првиот беше во струшкиот пазар во 9.30 часот изутрина во една Менувачница а другиот во струшката чаршија во 18.30 часот и двата во нај прометниот дел од Струга.
Јованчо Наумоски
