Израел

Протести против Владата на Нетанјаху

08.01.2023 10:58

Со транспаренти на кои пишуваше „демократијата е во опасност“ и „заедно против фашизмот и апартхејдот“, присутните на собирот во Тел Авив го обвинија премиерот дека составил Влада којашто е закана за демократијата.

Илјадници Израелци викендов излегоа на протест против новата влада на премиерот со најдолг стаж во историјата на земјата, Бенјамин Нетанјаху. Со транспаренти на кои пишуваше „демократијата е во опасност“ и „заедно против фашизмот и апартхејдот“, присутните на собирот во Тел Авив го обвинија премиерот дека составил Влада којашто е закана за демократијата.

„Моите баба и дедо дојдоа во Израел и изградија нешто прекрасно, не сакаме да го загубиме тоа, не сакаме да стравуваме дека нашата демократија исчезнува и дека врховниот суд ќе биде уништен. Сакаме Владата којашто ќе биде контролирана, а не неконтролирана власт“, изјави Асаф, учесник на протестот.

„Ова влада носи екстремисти на власт. Можеме да видиме како се носат многу закони против ЛГБТ заедницата, против Палестинците, против поголемите малцинства. Сакаме јасно и гласно да кажеме и Арапите и Евреити и другите заедници бараат мир, еднаквост и правда за сите, бидејќи ова е наш заеднички дом“, изјави Рула Дауд, движење „Стоиме заедно“.

По изборната победа на 1 ноември, Нетанјаху минатиот месец успеа да формира кабинет со крајната десница и ултра ортодоксните еврејски партии. Но, како што пренесуваат медиумите, во него има и политичар кој самиот признал дека одбегнувал да плати данок, друг кој во домот чувал портрет на човек кој масакрирал палестински верници, а и против 73-годишниот Нетанјаху се води судски процес за корупција.

„Се плашиме дека нашата земја ќе ја загуби демократијата и дека ќе одиме кон диктатура само затоа што Нетанјаху сака да се ослободи од правниот процес против него. Тоа е тажно и себично“, изјави Дани Симон, учесник на протестот.

Неколку места во кабинетот на Нетанјаху добија ултранационалистите. Учесниците на протестот стравуваат дека Владата ќе води политики за проширување на населбите на окупираниот Западен Брег, но и за слабеење на моќта на судството, овозможувајќи му на мнозинството во парламентот да ги поништи одлуките на Врховниот суд. Протестот беше предводен од левичарските здруженија и Арапските претставнци во Кнесетот.

 

Мартин Пушевски