Сезона на вируси

Над сто повици за едно деноноќие во Итната медицинска помош

08.01.2023 12:46

„Козле“ и Детска клиника полни со пациенти. Не престанува да ѕвони телефонот во Итната медицинска помош, која за едно деноноќие добива и по стотина повици поради вирусните инфекции. Се јавуваат болни со проблеми со дишењето и температура, но и загрижени родители на мали дечиња. Токму оваа категорија е најпогодена од вирусите, оти во пандемијата не беше изложена на сезонскиот грип…

Повеќе од сто повици за едно деноноќие прима службата за Итна медицинска помош. Поради вирусни инфекции и загадениот воздух, најбројни се оние кои се жалат на проблеми со дишењето, кашлање и зголемена температура.

Од Итната помош велат дека тоа не е случај само со хронично болните. Во ситуација кога болниците се преполни, болните гледаат спас токму во оваа служба. Лицата на кои може да им се помогне со совети остануваат да се лекуваат дома, но оние кои се позагрозени ги прифаќа итната помош и ги носи до соодветните установи.

Чести се повиците од родители на мали дечиња до тригодишна возраст, популација која според раководителката на Итната помош се најпогодени со вирусите поради тоа што за време на пандемијата не биле соочени со сезонските грипови на кои сме вообичаено навикнати, а се појавуваат во декември и јануари. Нивниот имунитет не може да даде добар одговор.

Повици има и за други видови здравствени проблеми, и очекувањата се дека состојбата нема да се измени видно и следните денови, поради наглите временски промени, иако последниве два дена воздух се дише полесно, барем во главниот град.

Фиљана Кока