Интензивирање на средбите за уставните измени
Утре во Собранието, понеделничка координација кај спикерот Џафери. Ќе се утврдува динамиката на работа во новата година. Владејачката СДСМ најави дека деновиве ќе ги интензивира средбите со парламентарните партии за да се стигне до политички консензус и двотретинско мнозинство за уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта свесно ја довела државата во ќорсокак. Предизвик има и во самата владејачката коалиција, откако „Огнената група“ сè посилно ги бранува редовите на интегративците, незадоволна од ефектите во работењето на дел од министрите на ДУИ…

На повидок нема нова лидерска средба, но владејачката СДСМ најави дека ќе ги интензивира контактите и средбите со парламентарните партии за, како што велат од „Бихаќка“, да се стигне до политички консензус за уставните измени и да се продолжи европскиот пат на земјава. Оттаму се уверени дека тоа ќе се случи годинава.
ВМРО-ДПМНЕ отстранува во ров, политичките партии во Парламентот немаат мандат да го менуваат Уставот. Според опозиционерите, само предвремени парламентарни избори се решение за ситуацијата.
„Знаеја дека немаат 2/3 мнозинство во Собранието за промена на Уставот, и покрај тоа прифатија обврски за државата. Тие беа свесни дека не можат да испорачаат, но свесно ја заглавија Македонија и ја донесоа државата во ќорсокак“-велат од опозициската партија.
И додека лидерите од албанскиот политички блок се подготвуваат за коктел средба во вторник со албанскиот премиер Еди Рама, за која во СДСМ велат дека немаат ништо против ако е во интерес на двете држави и градењето европски регион, се интензивираат внатрепартиските превирања во ДУИ.
„Огнената група“ сè погласно бара смена на нивните министри во Владата, бидејќи смета оти перформансите на извршната власт во последните две години се многу слаби во главните области кои се суштински за граѓаните Албанци, почнувајќи од капиталните инвестиции, образованието, патната инфраструктура.
Миле Ристески
