Регион

Нов протест на Косово, КФОР го одби барањето на Белград

08.01.2023 14:05

„Нема потреба од враќање на српската армија“ – КФОР го одби барањето на Белград испратено во екот на зголемените тензии во односите со Приштина. По последните инциденти, косовските Срби на протест во Штрпце. На собир во Косовска Митровица, Вучиќ обвинет за предавство...

Нов протест на Косово. Илјадници граѓани излегоа на улиците во Штрпце откако две момчиња на возраст од 11 и 21 година беа нападнати со огнено оружје од автомобил во движење, а 18 годишник беше претепан во Клокот. Според организаторите, важно е да испрати порака против насилството и заканите по мирот. Побарано, меѓународната заедница да го вразуми косовскиот премиер Албин Курти.

„Ранувањето деца на Божиќ треба да биде последното предупредување за сите оние кои со политика и реторика влијаат врз поединци дека можат слободно да дојдат и да пукаат во деца. Граѓаните со право се вознемирени“, изјави Далибор Јевтиќ, претседател на општина Штрпце.

„Нашето единство е најсилното средство да се спротивставиме на диктаторскиот режим на Албин Курти. Ако сме единствени и сложни ќе победиме. За нас не постои избор . Мораме да останеме и да опстанеме, како што и нашите предци останале овде во многу потешки услови“, рече Горан Ракиќ, заменик- претседател на Српска листа.

Неколку десетици граѓани протестираа и во северниот дел на Косовска Митровица, но тие го обвинија српскиот претседател Вучиќ за предавство, а претставници на Српската листа за неконтролирано богатење.

КФОР негативно одговори на барањето на Србија за враќање на српската војска и полиција на Косово... Во писмото испратено до Белград било потенцирано дека внимателно се следат случувањата на северот. Според Вучиќ, на Србија и претстои тежок период.

„Сите го знаевме и го очекувавме тој одговор...Тие сметаат дека нема потреба од враќање на српската армија и вооружените сили на Република Србија на територијата на територијата на КиМ, повикувајќи се на резолуцијата 1244. Знаеа дека немаат на што да се повикаат, потоа се повикаа на одредена законска рамка“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.

Барањето до КФОР следеше по зголемените тензии на северот. Во четири општини со мнозинско српско население 20 дена беа поставени барикади поради апсење на поранешен полицаец. Патиштата кон граничните премини со Србија беа блокирани.

 

Маријана Димовска