Македонија

Државниот интерес да се стави пред личниот и партискиот, очекуваат граѓаните во новата година

08.01.2023 14:39

Државниот интерес да се стави пред личниот и партискиот, наместо само да ветуваат и да се обвинуваат, политичарите да се фокусираат на решавање на граѓанските проблеми, да се борат со корупцијата, да го подигнат животниот стандард. Ова се очекувањата на граѓаните од политичарите кои, ако се суди по последната анкета на ИРИ, ќе мора да се помачат да ја подобрат сликата за нив…

Помалку лаги, повеќе искреност, државниот интерес да се стави пред личниот и партискиот, борба со корупцијата, фер политички натпревар со поголема грижа за секојдневните проблеми – ова се очекувањата на граѓаните во новата година од политичарите, и од власта и од опозицијата. Кај оние со коишто поразговаравме, досегашното однесување на политичарите и практикувањето на нивните политики не наидува на позитивен прием.

На Водно, на чист воздух преполно, во центарот на Скопје празно. За празниците ретко кој сака да говори за политика, но, секојдневието и проблемите со коишто се соочуваат си го прават своето.

Евидентно е дека очекувањата од политичарите се сè помали, граѓаните не ги интересира политика туку, подобар квалитет на живот.

Притиснати од економската и од енергетската криза, последната анкета на ИРИ покажа дека 58 проценти од граѓаните сметаат дека земјата се движи во погрешна насока, а од ИРИ оценија дека ако креаторите на политиките сакаат да ги променат овие бројки, ќе треба да се фокусираат на економските прашања. Во анкетата, граѓаните исклучително мала доверба им дадоа на парламентот, судството, партиите и на обвинителството.

Марина Стојанова Тонева