Битола

Пелистер полн и без снег

08.01.2023 17:23

На Пелистер за Божиќ, пролетна температура. Иако нема снег, над 3.000 посетители пристигнаа во двата ски-центри. Граѓаните на ова место најдоа спас од загадениот воздух, но се жалат дека се потребни многу поголеми инвестиции за подобрување на инфраструктурата…

Иако маглата во Битола веќе ја нема, а аерозагадувањето е во помали размери, уште од претпладнето колони возила се упатуваа кон пелистерските ски-центри каде сè уште нема некои поголеми шанси за почеток на скијачката сезона.

Ски-лифтовите мируваат, но забавата не изостанува. Посетителите велат, во ски-центарот „Стрежево“ над Ниже Поле инфраструктурата и природата е таква што своја рекреација можат да најдат од најмладите до највозрасните.

Битолчани се гордеат со Пелистер, но од друга страна не им е сеедно што и годинава ќе возат по многу амортизирани патишта, сè уште нема ништо од ревитализацијата на планинарскиот дом „Копанки“ или најава за некои поголеми инвестиции.

Оние кои стопанисуваат со ски-центрите, велат отсуството на снег продуцира загуби. Алиби бараат во минатогодишната статистика.

Најавите на синоптичарите се дека од утре ќе има врнежи, но според прогнозираното, тешко дека на оваа надморска височина ќе има подебели наслаги од снег.

Стевче Митревски