Ситуацијата во Украина- повик за заокружување на интеграцијата на Европа

01.05.2014 09:27

Министерот за надворешни работи Никола Попоски се сретна со американскиот потпретседател Џо Бајден којшто ја потврдил заложбата на САД за продолжување на проширувањето на НАТО. Високи американски дипломати и претставници на НАТО и на ЕУ на Конференцијата на Атланскиот Совет во Вашингтон, порачаа дека ситуацијата со Украина е повик за будење за заокружување на интеграцијата на Европа како целосна и слободна...

Американскиот потпретседател Џо Бајден го поздрави присуството на министрите за надворешни работи и за одбрана на Конференцијата на Атланскиот Совет во Вашингтон и се заложи за продолжување на проширувањето на НАТО. Она што се случува со Украина не е последица на проширувањето на НАТО, и Алијансата мора да ја потврди политиката на отворена врата за земјите кандидати, изјави американскиот потпретседател.

„Вратата на трансатланската заедница ќе остане фундаментално отворена за слободните нации коишто ги делат со нас вредностите и обврските што ги имаме. За сите оние коишто сонуваат еден ден да се приклучат на целосна и слободна Европа“, изјави американскиот потпретседател, Џо Бајден.

Проширувањето на НАТО на Балканот требаше да заврши порано и паралелно да се одвива со прием и во ЕУ. Словачкиот амбасадор во НАТО, Томаш Валашек праша кога Македонија ќе стане членка, а хрватскиот амбасадор во Вашингтон, Јошко Паро истакна дека Македонија е подготвена за прием уште од 2008-та.

„Главните пораки се однесуваа на процесот на проширување на Северноатланската Алијанса. За нас е значајно, тој процес да остане кредибилен во моменти кога многу се осврнуваме на почитување на меѓународното право и значењето на трансатланските односи за стабилноста и просперитетот на Балканот. Мислам дека сите треба да ја понесат својата одговорност, вклучувајќи ги и земјите членки. За нас е значајно особено една земја членка да покаже свестност дека сака да придонесе кон идејата Европа цела и слободна“, рече министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски.

Претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Баросо порача дека проширувањето на ЕУ ќе продолжи со нови земји членки и нема да запре поради случувањата со Украина.

„Верувам дека треба да го задржиме проширувањето. Се разбира, вистина е дека јавното мислење во Европа денес е поумно за ова прашање. Треба да продолжиме со барањето земјите да бидат подготвени да прием и исто така Европската Унија да биде подготвена да ги интегрира. Но сметам дека за Балканските земји тоа нема да биде голема потешкотија, бидејќи се релативно мали и можеме да го направиме тоа“, истакна Жозе Мануел Баросо, претседател на Европска Комисија.

Влијателниот сенатор Ричард Лугар по средбата со шефот на дипломатијата побара Македонија веднаш да биде примена во НАТО како одговор на кризата со Украина. Попоски имаше средба со десетина американски конгресмени, членови на групата за пријателство со Македонија предводена од Конгресменката од Мичиген, Кендис Милер, коишто дале поддршка Македонија да стане членка на престојниот самит на НАТО во септември.

Учеството на американскиот потпретседател Џо Бајден и државен секретар Џон Кери на Конференцијата на Атланскиот Совет е знак дека Вашингтон поактивно ќе се заложи за проширување на НАТО и на Европската Унија.

 

Ирина Гелевска- постојан дописник од Вашингтон за МРТ