Состојбата во Бразил под контрола на властите
Безбедносните сили ја презедоа контролата врз федералните институции во Бразил. Претседателот Да Силва се врати во Бразилија. По дивеењето на приврзаниците на поранешниот шеф на државата Болсонаро, уапсени 400 лица...

Немири во Бразил. Поддржувачите на поранешниот претседател Жаир Болсонаро упаднаа во Конгресот, Претседателската палата и Врховниот суд. Полицијата по неколку часа успеа да ја врати контролата над институциите. Актуелниот претседател Луис Инасио Лула да Силва кој беше инаугуриран на први јануари, го обвини Болсонаро за поттикнување на неговите приврзаници со неосновани тврдења за потенцијална изборна измама. Уапсени се 400 луѓе.
„Овие луѓе ќе бидат казнети. Ќе откриеме кои се финансиери на овие вандали кои отидоа во Бразилија. Ние ќе ги најдеме финансиерите и сите тие ќе платат со силата на законот за овој неодговорен, недемократски гест, овој гест на вандали и фашисти“, изјави Луис Инасио Лула да Силва, претседател на Бразил.
Да Силва најави федерална безбедносна интервенција која ќе трае до 31-ви јануари. Според министерот за правда упадот во владините институции е сериозен обид да се уништи владеењето на правото.
„Ова е тероризам, тоа е државен удар и ние сме сигурни дека огромното мнозинство, ако не и сите Бразилци, не сакаат овој вид на сениште на темнината да се имплементира во бразилскиот живот“, изјави Флавио Дино, министер за правда на Бразил.
Болсонаро преку социјалните мрежи ги отфрли обвинувањата без докази.
„Во текот на мојот мандат, отсекогаш сум бил во четирите линии на Уставот, почитувајќи ги и бранејќи ги законите, демократијата, транспарентноста и нашата света слобода. Ги отфрлам обвинувањата без докази, што ми ги припишува актуелниот шеф на извршната власт на Бразил“, изјави Жаир Болсонаро, поранешен претседател на Бразил.
Толпата остави зад себе искршени прозорци, уништен мебел, расфрлани предмети низ канцелариите и свечените простории. Се проценуваат штетите.
„Се е уништено. Погледнете што направија вандалите овде. Уништени се уметнички дела. Погледнете ја состојбата на собите, опремата, компјутерите. Тие се криминалци со кои мора да се постапува како со криминалци, ова го направија против демократијата и против Бразил“, рече Пауло Пимента, шеф на Секретаријатот за социјална комуникација на Претседателството.
Федералниот суд нареди суспензија на гувернерот на Бразилија на 90 дена поради истрагата за немирите во градот. Гувернерот се извини за неприфатливите напади врз владините згради. Сојузниците на претседателот Да Силва покренаа прашања за подготвеноста на безбедносните сили и како лесно беа совладани од бунтовниците кои со денови најавуваа протести. Осуда за случувањата во Бразил стигна од американските и европските власти.
Маријана Димовска
