Штип е студентски град без студентски дом
Универзитетот „Гоце Делчев“ и Општина Штип се во нов обид за решавање на стариот проблем – изградба на студентски дом во Штип. Локацијата е позната и се работи на проект за обезбедување средства. Во Штип студираат околу шест илјади студенти, а секоја година се зголемува и бројот на странски студенти...

Штип е студентски град, но сè уште нема студентски дом. Планови за изградба за ваков објект имаше неколку за периодот од 15 години колку постои универзитетот, но без резултат. Универзитетот и локалната власт стартуваат со реализација на старата идеја за изградба на студентски дом на местото на старото нервно одделение, кое сега е привремен дом на лица во социјален ризик. Земјиштето е во сопственост на РМ, со корисничко право на УГД.
Потребата од студентски дом е голема, околу осум илјади студенти студираат на УГД, над шест илјади се во Штип, а околу 1200 се странски студенти.
Најголем дел од студентите во Штип имаат приватно сместување. Постојат неколку приватни студентски домови, а мал дел се сместени во Ученичкиот дом „Браќа Миладиновци“.
Славица Величковска
