Евроинтеграции

Исполнување на реформите, па членство

09.01.2023 12:49

Во фокусот на шестмесечното Шведско претседателство, руско-украинскиот конфликт, економската и енергетската криза. Иднината на Западен Балкан е во ЕУ, но поставените задачи мора да се исполнат, порака од Стокхолм. Според евроамбасадорот Гир, уставните измени се наша одлука, но, како што вели, не треба да се изгуби чекорот на европскиот пат...

Пораката на Европската унија беше јасна. Повеќе од кога било иднината на македонските граѓани лежи во ЕУ. Порача Амбасадорката на Кралството Шведска Ами Ларсон Џаин пред Националниот совет за евроинтеграции. Презентирајќи ја програмата и плановите на Шведското претседателство порача дека договорот за членство во ЕУ мора да се реализира, но клучот како што рече ќе бидат реформите во судството, борбата против корупцијата и криминалот.

2023 ќе биде решавачка за Европската Унија, Западниот Балкан и Северна Македонија рече евроамбасадорот Гир. Патот до ЕУ нема да биде лесен, но тој зависи од вас и од исполнувањето на реформите. Брисел бара сите чинители заедно да работат на патот кон ЕУ, а измените на Уставот се потребни за да се задржи моментумот во преговорите.

Не чекаат тешки реформи и крупни одлуки. Вицепремиерот Маричиќ најавува трансформација на општеството преку подготвување на патоказите за реформите и продолжување на скринингот. Повика на обединување и политички консензус околу прашањето за ЕУ, во кој дел се и уставните измени.

Постои чувство дека условувањата од Европската унија е процес кој не прекинува, вели претседателот на советот Николоски. Според него за прашањата со Бугарија треба да биде испочитувано мислењето на Македонците, бидејќи според него тоа е прашање кое задира во нивното самоопределување.

Шведска го презема претседателството од Чешка. Во наредните шест месеци главни приоритети ќе бидат безбедноста, конкурентноста, зелената и енергетската транзиција, демократијата и владеењето на правото. Во фокусот останува и финансиската помош за Украина.

Викторија Милевска