Продолжуваат руските напади врз Украина
Рускиот претседател Путин оцени дека испораките на оружје од запад за Украина ќе го продлабочат страдањето на украинскиот народ...

Украинските сили успешно возвраќаат на континуираните руски напади врз Бахмут и во другите делови на Донбас, тврдат украинските власти. Портпаролот на Кремљ, Песков, изјави дека се точни информациите на Москва дека 600 украински војници загинале во нападот на Краматорск.
„Кремљ е апсолутно убеден во точноста на овие информации и ќе ве потсетам на зборовите на претседателот Владимир Путин дека главен извор на информациите е Министерството за одбрана“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.
Киев негира. Оттаму велат дека руските ракети ги промашиле целите и оти нема очигледни знаци на штета. Рускиот претседател Путин оцени дека испораките на оружје од запад за Украина ќе го продлабочат страдањето на украинскиот народ.
Претседателот Зеленски изјави дека ситуацијата на првата линија не е значително променета во првата недела од новата година, како и дека светот повторно видел дека Русија мами. Ова се однесува на едностраното примирје што Москва го најави за православниот Божиќ.
„Тешките борби продолжуваат во регионите Луганск и Доњецк – секое жариште во овие области е добро познато“. Бахмут и Соледар се држат и покрај се. Ниту еден обид на Русија да манипулира со дипломатијата и политиката никогаш повеќе нема да успее“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.
Украинците во Бахмут стравуваат за своите животи.
„Секојдневно се пука, не знам ни каде да погледнам. Се криеме во подрумот. Сакам наскоро да дојде мир. Многу тешко. Вака е секој ден, од утро до вечер.“ pече жител н Бахмут.
Големите западни сили конечно решителни да испратат борбени оклопни возила во Украина, помош што ја бараше Киев подолго време.
Марина Ристова
