Лидерите на партиите на Албанците утре на средба со Рама во Тирана
Утревечер во Тирана, албанскиот премиер Рама на празнична вечера ги повика лидерите на партиите од албанскиот блок во Македонија. Потврда за присуството од сите, освен од БЕСА на Касами. Не сакале да бидат на иста маса со Ахмети. Детали за што ќе се разговара не се откриваат...

Што ќе произлезе од средбата на албанскиот премиер Рама со лидерите на албанскиот политички блок од земјава по конкретно ќе се знае по новогодишниот коктел свикан за вторник навечер. Не се исклучува можноста од сериозни теми за политичко делување како што се отворањето на македонскиот Устав и впишување на Бугарите во него. Станува збор за вечерен коктел, а не за работна средба беше првичната информација од ДУИ, за министерот Османи да појасни дека нема конкретна агенда.
БЕСА ја одби поканата и на коктелот нема да присуствува Биљал Касами. Велат, не сакаат да седат на иста маса со Али Ахмети откако пропадна нивната иницијатива за лидерска средба на политичките чинители од албанска провениенција во земјава.
„Просто е. Состанокот е во духот на спасување на криминалната влада СДСМ – ДУИ, а во која, според мене, ќе промовираат и други коалициски партнери“, изјави потпретседателот на движењето БЕСА, Фатмир Лимани.
ВМРО-ДПМНЕ е без коментар околу средбата во Тирана. СДСМ според опозицијата не сака да има турбуленции во коалицијата.
„Димитар Ковачевски е најдобар слуга на Али Ахмети, а тоа јасно се гледа преку заштита на криминалот и корупцијата на функционерите на ДУИ. Нема ниту една постапка за ниту еден функционер на ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката СДСМ смета дека Рама е пријател и прифаќаат секаква средба што придонесува за развој на двете држави и регионот.
Миле Ристески
