Здравство

Празниците завршија, амбулантите на матичните лекари полни

09.01.2023 14:50

Празниците завршија, амбулантите и болниците полни. Матичните лекари со полни раце работа. Доаѓаат пациенти со настинки, но има и Ковид-19. Препораки за почитување на превентивните мерки, но и заштита поради загадениот воздух...

Празничната еуфорија – предновогодишните забави во затворено и пазарувањето во трговските центри и маркети придонесоа за побрзо ширење на грипот. Празниците завршија, а амбулантите на матичните лекари полни. Доктор Ѓоргиевска вели граѓаните најчесто имаат покачена температура и кашлица која трае и до две недели. Дел од симптомите се исти на Ковид-19. Тестирањата покажеле дека коронавирусот е сè уште присутен.

„Луѓето пројавија симптоми пред празниците, пред Нова година, меѓутоа заморот беше тој што „ги легна во кревет“ затоа што тука организмот дехидрира, се троши. Кога ќе почувствуваме дека организмот ни дава знаци на настинка да си пружиме повеќе одмор, течности и сè што е неопходно да се заврши, да се одложи, за пократко да трае и да не се комплицира. Луѓето кај кои кашлицата трае подолго од 7 дена задолжително треба да се јават на преглед“, рече д-р Даниела Ѓоргиевска, матичен лекар.

За една недела околу 350 граѓани со симптоми на грип побарале лекарска помош или речиси двојно повеќе од претходната-покажуваат последните податоци од Институтот за јавно здравје.

Лекарите советуваат родителите да не ги носат болните деца во градинка. Пикот допрва се очекува.

Зголемен број на заболени од грип се очекува во февруари, откако децата ќе се вратат во училишните клупи. Колективниот престој овозможува побрзо ширење на вирусите.

Од грип заболеа 930 граѓани, двајца починаа. Почитување на мерките-препорака од лекарите, кои велат дека вакцинацијата е најдобрата превенција.

Андријана Ѓурческа