Си замина дамата на македонското актерство
Катерина Крстева е дел од создавањето на историјата на театарската уметност во Македонија...

На 86 годишна возраст, замина актерката Катерина Крстева. Таа е дамата на македонското актерство – популарна како Мара Попара, по улогата во филмот „Во кафулето кај Гене“.
Катерина Крстева е дел од создавањето на историјата на театарската уметност во Македонија.
Нејзиниот препознатлив и ведар дух и лик, како и веселост на театарската сцена и ТВ екраните ја направија миленичка на театарската, филмската и телевизиската публика. Вработена најпрвин во драмски театар, во 1964 година ќе премине во Македонски народен театар, Скопје, каде што останува до пензионирањето.
Првата улога во МНТ и е онаа во драмата „Дон Цезар од Базан“ премиерно прикажана во 1965 година. Позначајни улоги на популарната Мара Попара, меѓу другите се: „Антица“, „Ревизор“, „Печалбари“, „Парите се отепувачка“, „Коштана“, „Кенгурски скок“,„Слободни врски“ (1984), „Иванов“ и последната „Крик“ во 1991.
На Македонската радио-телевизија оствари главни и споредни улоги во сериите и филмовите. Од популарната радиосерија, „Хихирику“, преку телевизискиот екран и филмското платно со „Театарче лево коше“, „Трст виа Скопје“, „Македонски народни приказни“, „Волшебното самарче“, „Шеќерна приказна“, „Учителот“, „Милион маченици“, „Случки од животот“, „Тврдокорни“, „Пред дождот“, „Во светот на бајките“. Меѓу последните улоги и се оние во „Преспав“ и „Дедо и внук“.
Катерина Крстева е погребана на Градските гробишта во Бутел. Вечна слава!
Александра Максимовска
