Економија

Инфлацијата руши рекорди

09.01.2023 15:02

Трошоците за живот лани пораснале за 14,2 проценти наспроти 2021-ва која мина со инфлаторна стапка од само 3,2 насто...

Галопирачката инфлацијата и бранот поскапувања го тенчат семејниот буџет. Високите цени на храната и на струјата силно удрија по стандардот. Трошоците за живот лани пораснале за 14,2 проценти наспроти 2021-ва која мина со инфлаторна стапка од само 3,2 насто. Поскапувањата во трговијата се издигнале за 12,6 насто – објави Државниот завод за статистика.

На едно четиричлено семејство во декември минатата година, потребните 43.163 денари за минималните потреби, под притисок на инфлацијата пораснале на 51.235 денари, за во декември за храна и пијалаци неопходни биле 19. 226 денари што учествува со 44 насто во потрошувачката кошничка, индустриско прехранбените производи, но речиси за сличен процент на зголемени цени имало и кај транспортот.

Надеж дава декемвриската пресметка. Вредноста на трошоците на живот паднала за 0,2, а на цените за 0,7 проценти.

Македонскиот потрошувач го чека владиното најавено намалување на цените за најмалку 10 отсто. Централната банка проектира постепено забавување на инфлацијата на среден рок, на историските стапки од околу 2%.

 

Сузана Фиданска