Позитивниот впечаток е посилен од евидентните слабости
Конечно, Македонија игра современ ракомет. Тоа е заклучокот од минатите два дена во коишто позитивниот впечаток е посилен од евидентните слабости.

Македонските ракометари денеска одмораат откако празникот го минаа надвор од домовите подготвувајќи се за учеството на Светското првенство. Контролите со Хрватска и со Израел на турнирот „Кроација куп“ во Пореч ги дадоа потребните показатели за курсот на сегашниот репрезентативен состав.
Конечно, Македонија игра современ ракомет. Тоа е заклучокот од минатите два дена во коишто позитивниот впечаток е посилен од евидентните слабости. Реновираниот тим со се поголема улога на младите, но сепак, и со се уште значајно и неодминливо влијание на повозрасните манасков и Георгиевски, веќе има јасен пристап и драстично поинаков концепт од славната генерација. „Трчај и шутирај“ ракометот сега е и наше обележје и тоа е за пофалба. Се разбира дека новиот изглед нема нужно да донесе успех на Светскиот шампионат, но Македонија нема голем избор освен да ги следи современите текови, брзо да ја движи топката во нападот, да ја одржи високата реализиација како во Пореч, но и да ги намали примените голови. Со 40 како против Хрватска или 37 во нашата мрежа со Израел, ќе биде теко да се надеваме на што било на Мундијалот во групата во Краков. Норвешка е поинакво ниво од Хрватите, Холанѓаните веќе фатија приклучок со елитата и се сериозен противник без разлика што во подготвителниот период не се прославија, а Аргентина е поискусна и поквалитетна од Израел. Оттука, директни споредби е невозможно да се прават, но видливо е дека за пласман во главната рунда на Светското првенство треба подобро. Со Талески и со Митрески, Македонија секако ќе има значителен квалитет плус, Пореч донесе оптимизам, останува уште завршната глазура. А потоа, можеби и нова радост!
