Култура

Зголемена посетеноста на музеите и историските локалитети во Охрид

10.01.2023 11:23

Во текот на изминатата година бројот на посетители на музеите, поставките во другите објекти и историски локалитети во надлежност на охридскиот завод и музеј е зголемен за близу педесет илјади. И лани најголемо внимание привлече музејот на вода кај градиште кој беше посетен од над 68.000 од земјава и странство...

За светските патници Охрид е неодолив не само поради неговата убавина и бисерното езеро, туку и заради богатото културно-историско наследство кое на некој начин е лична карта на нашата држава и секој Македонец. Покрај древните цркви за туристите особено привлечни се музеите и другите историски локалитети чија посетеност во двете пандемски години драстично беше намалена. Минатата година сепак бројот на посетители на поставките и локалитетите во надлежност на Заводот и Музеј од Охрид се зголеми за близу 50 илјади.

„Како најпосетуван музеј можам да го издвојам Заливот на коските или Музеј на вода – Градиште со бројка од 68.485 посетители. Втор посетуван објект е Самоиловата тврдина со 67.312 посетители, потоа Музејот Куќата на Робевци со 5 172 и Галеријата на икони 1 276“, изјави Катерина Велкоска – директор на Завод и Музеј Охрид.

Со цел да се зголеми безбедноста на посетителите во текот на изминатите две години беше извршена санација на Музејот на вода.

„Се поправија сите подови во куќичките, се поправија сите огништа, печките, оваа година останува да се санираат уште покривите на куќичките. Предминатата година 2021 се направи платото“, додаде директорката Велкоска.

Во податоците околу посетеноста зачудува оној дека за македонските граѓани, а уште повеќе за охриѓани кои секој први во месецот можат бесплатно да ги посетуваат музеите е малиот интерес за Галеријата на икони, каде што се поместени едни од највредните икони во светот. Скоро 100 проценти од посетителите на овој објект се странци, што укажува дека малку го почитуваме она што е можеби највредно.

 

Сашо Нелоски