Масакр во Струга, убиени десетина бездомни кучиња
Масакр во Струга, утрово убиени десетина бездомни кучиња. Масовното убиство е направено со пушка, информираат активистите кои споделија вознемирувачко видео и бараат да биде пронајден и казнет сторителот. Општина Струга пред само неколку денови најави дека издвои пари за решавање на проблемот со уличните кучиња...

Масакр во Струга., утрово убиени десетина бездомни кучиња. Активисти на социјалните мрежи објавија вознемирувачко видео на кое се гледаат безживотните крвави тела на повеќе кучиња, натоварени на камион од Комуналното претпријатие.
Од Анима Мунди информираат дека масовното убиство е направено со пушка утрово. Од таму испратија остра реакција, бараат надлежните итно да преземат мерки за пронаоѓање на сторителот.
„Апелираме до надлежните институции веднаш да ги преземат сите дејствија за сторителот да биде пронајден и кривично да одговара за ова масовно убиство! Никој нема за право да одзема нечиј живот, никој нема право со пушка во раце да пролее невина крв, безмилосно да убие и да помине неказнето“, стои во реакцијата на Анима Мунди.
Пред неколку денови Струга конечно најави решавање на проблемот со уличните кучиња. После бројните реакции на граѓаните за преголемиот број кучиња низ струшките улици и напади, општината во буџетот, предвиде финансиски средства за стерилизација, кастрација и обележување на бездомните кучиња.
„Кучињата скитници се голем проблем со кој треба да се справуваме. Ние работиме во изнаоѓање на решение со тоа што ние навистина како локална самоуправа не можеме сами да се справиме со кучињата скитници. И да направиме Центар за нивно згрижување кој може тоа да го издржи“, вели Рамис Мерко градоначалник на Струга.
Масовното убиство на уличните кучиња од кои некои биле маалски и домашни миленици е пријавено во полиција, од каде бил извршен и увид. Проблемот со уличните кучиња во Струга се провлекува со години, последните месеци зачестија нападите врз граѓани, a општината исплатила милионски суми за отштети.
Соња Рилковска
