ЕУ-НАТО

ЕУ и НАТО потпишаа декларација за соработка

10.01.2023 13:57

Со третата потпишана декларација за соработка меѓу НАТО и ЕУ ќе се засили европската безбедност и независност од трети страни. Првите луѓе на ЕУ посочија дека и забрзувањето на пристапниот процес е резултат на војната во Украина. Нато останува темел на евроатлантската безбедност и заштита на територијата на земјите членки...

ЕУ и НАТО потпишаа декларацијата за соработка во време на загрозена европска безбедност поради војната во Украина. Тоа е причина да се забрза пристапниот процес со кандидатите од Западниот Балкан, рече првиот човек на Европскиот совет.

„Путин сакаше помалку НАТО, но сега има повеќе НАТО и ЕУ станува посилно. Го забрзавме пристапниот процес со Западниот Балкан и донесовме историска одлука за кандидатски статус на Украина и Молдавија и европска перспектива на Грузија“, изјави Шарл Мишел-претседател на Европскиот совет.

Во светот со растечка конкуренција, надворешни држави ги предизвикуваат нашите интереси и заеднички вредности и принципи, преку воени, економски, политички и технолошки средства, оцени Генералниот секретар на НАТО.

„Нашата декларација става јасно на знаење дека нато останува темелот на колективната одбрана и клучен за евроатлантската безбедност“, изјави Јенс Столтенберг – Генерален секретар на НАТО.

„Ќе ја засилиме соработката за справување со кибер напади и тероризам, со последиците од климатските промени и заштитата на критичната инфраструктура. Ќе ја зголемиме отпорноста на странски мешања преку манипулација на информациите и ќе работиме на нови технологии и во вселената“, изјави Урсула фон дер Лајен-претседател на Европската комисија.

ЕУ и НАТО се заложија за продолжување на помошта за Украина и намалување на зависноста од енергенси и материјали од трети земји.

 

Ирина Гелевска