Продолжуваат меѓусебните обвинувања на власта и опозицијата за загадувањето во главниот град
Советничката група на СДСМ поднесе иницијатива за свикување вонредна седница на советот на град Скопје за загадувањето. Претставија повеќе мерки, меѓу кои итно зголемување на бројот на автобуси и воведување бесплатен превоз. Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека нема потреба од свикување вонредна седница...

„Нема и не смее да има простор за дневна политика“ – со овие зборови, советничката група на СДСМ ја образложи поднесената иницијатива за свикување вонредна седница на советот за загадувањето во главниот град. Социјалдемократите добиле поддршка од ДОМ и од ЛДП. Претставија повеќе мерки, меѓу кои итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии, воведување бесплатен превоз, повеќе пари за борба против загадувањето во градската каса и план за чистење на депониите.
Но, претседателот на советот на град Скопје, Трајко Славевски вели дека поднесокот е некомплетен, бидејќи седница по барање на советници може да се закаже ако се потпишани најмалку третина од 45-те членови на советот, или, најмалку 15 советници.
Од градоначалничката Арсовска добил известување дека таа е на боледување, но, сепак, Славески остави простор вонредна седница да се одржи во почетокот на идната недела.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека нема потреба од свикување вонредна седница на советот, зашто СДСМ и Арсовска може да седнат и да се договорат за преземање конкретни мерки за справување со аерозагадувањето.
Александра Спировска
