Лидерите од албанскиот кампус на средби со Рама
Четворица лидери на политички партии од албанскиот блок во земјава на вечерен коктел со албанскиот премиер Рди Рама. Само лидерот на БЕСА нема да присуствува. Касами ќе има одделна средба со Рама. За ВМРО-ДПМНЕ средбата е само обид за спас на власта во заминување. Социјалдемократите не гледаат проблем за средбите со Рама...

Лидерите на партиите од албанскиот политички блок во земјава, освен Касами од БЕСА, во Тирана на средба со албанскиот премиер Еди Рама. Детали не се обелоденуваат, освен дека се работи за неформален состанок по нова година. За ВМРО-ДПМНЕ средбата во Тирана е само обид за спас на власта во заминување, за спас на кариерите и бизнисите на ДУИ и на неколкумината околу Димитар Ковачевски. Според партијата таа се случува токму на барање на СДС и на Димитар Ковачевски за да добијат помош за продолжување на мандатот на оваа влада.
„Димитар Ковачевски е слуга на интересите на Али Ахмети. Кариерата на Ковачевски се состои во исполнување на желбите и барањата на Али Ахмети. Затоа сега Ахмети му фрла гума за спасување на политичката кариера на Ковачевски, а за кусо време ќе го видиме и вториот слуга Димче Апасиев, како само на зборови и без дела ќе глуми патриот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДУИ велат дека не се работи за некаква конспирација, туку за средба за состојбите во регионот и евроинтеграциите. Пред средбата со Рама, лидерот на Алијанса за Албанците Таравари во Приштина разговараше со претседателката Османи и премиерот Курти. Од таму за МТВ потврдуваат дека средбата одамна била договорена, и не станува збор за дополнителни консултации.
По гласните размислувања дека интегративците побарале помош од албанскиот премиер поради внатрепартиските превирања и намалената поддршка, од Алтернатива на Гаши велат дека нема да влегуваат во дневно-политичките агенди на другите, ниту да се жртвуваат за амортизирање на ничија партиска криза.
„Имаме сопствена агенда и за истата очекуваме поддршка од сите присутни. Еден од приоритетите е нашиот уставен амандман за спречување на застарување на кривичните дела поврзани со политичката корупција“, велат од Алтернатива.
Во БЕСА не сакаат да се на иста маса со Ахмети. Груби и Ахмети секогаш кога се наоѓаат на раскрсница и не знаат кој пат да го одберат, односно како да се справат со моменталната состојба во владата, бараат помош од Еди Рама за да излезат од кризата, е ставот на партијата на Касами.
„Ние пред шест години присуствувавме на состанокот со Еди Рама, каде што ветивме дека ќе спроведеме некои точки од интерес за Албанците во Северна Македонија, но овој договор никогаш не ја виде светлината на денот. Затоа што вака одлучија Артан Груби и Али Ахмети. Неколку пати баравме заедничка средба на политичките лидери, но тоа не се случи. Побаравме и објаснување за неисполнувањето на овие точки што ги ветивме, што исто така не беше разјаснето“, велат од БЕСА.
Социјал демократите немаат проблем со средбата во Тирана. Велат-сè што може да помогне за државата и регионот е добредојдено.
Миле Ристески
