Нова метода за лекување оштетен ’рбет во „Свети Еразмо“- Охрид, единствена во регионот

01.05.2014 12:48

Лекарски тим од Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ од Охрид за прв пат во Македонија и Југоисточна Европа почна со спроведување на нова оперативна метода за третман на дискуси. Со новата метода операцијата се упростува, се скратува нејзиното времетраење и е поефикасна од досегашните...

Новата оперативна метода за третман на дискуси со апликација на „кејџ“ во лумбалниот дел на рбетот, како што рече специјалистот Митре Милошески освен во охридската болница  во Европа се применува само во Хјуманитосхоспитал во Милано. Се работи за имплант кај пациенти со тешки заболувања на лумбален дискус,кај кои постои сегментална нестабилност.

„Тоа се кејџови кои што стојат сами. Порано имаше кејџови кои што се аплицираа,при што дополнително се продолжуваше операцијата за да се фиксираат сегментите со шрафови и со плочки,односно шипки“, вели д-р Митре Милошески-Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо-Охрид.

Со оваа метода операцијата се упростува, се скратува нејзиното времетраење, таа е побезбедна и пациентите многу побрзо се вертикализираат.

„Моментално за оваа година имаме предвидено 30-тина пациенти кај кои што треба да се аплицира оваа метода.Во соработка со Фондот за здравство на Република Македонија и министерството за здравство планираме да го зголемиме обемот на операциите ако има потреба за тоа“, изајви Митко Тилев, директор на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо-Охрид.

Од охридската Специјална болница најавија дека нивните специјалистички тимови и во иднина ќе воведуваат нови методи, со што ќе се подобрат здравствените услуги за пациентите од Македонија, но нив ќе можат да ги користат и лица од целиот регион.

Сашо Нелоски