Случај „Жан Митрев“

Обвинение против Жан Митрев за измама при лекување со хемофилтрација

10.01.2023 14:49

Поднесено обвинение против кардиохирургот Жан Митрев и неговата болница. Од Обвинителството велат дека се собрани докази за измама на пациенти кои ги довел во заблуда дека со хемофилтрација се лекува Ковид-19. Од клиниката „Жан Митрев“ велат – на суд ќе докажат дека обвинението е неосновано...

Скопското обвинителство против Жан Митрев поднесе обвинителен акт, но и обвинителен предлог за неговата приватна клиника, за измама. За кривичното дело е предвидена казна од една до десет години затвор. Истражниот тим при обвинителството обезбедил докази дека обвинетиот Митрев од јуни 2020 до јуни 2022 година прикривајќи ги фактите за методот на хемофилтрација за да прибави противправна имотна корист ги доведувал во заблуда пациентите кои во неговата клиника се лекувале од Ковид-19. Од обвинителството велат дека 283 лица се сослушани кај кои била извршена хемофилтрација или кај членови на нивните семејства и штетата која им е нанесена изнесува повеќе од еден и пол милион евра.

„На овој начин обвинетиот кај секој од оштетените создал лажна претстава и заблуда, па најголем дел од нив при приемот на конкретен пациент во болницата, однапред уплаќале средства за по два циклуси на хемофилтрација како дел од болнички пакети, без да им биде објаснет овој метод и потенцијалните ризици од него и без да се прибави соодветна согласност за примената на таква процедура кај пациентите, што е спротивно на условите утврдени во овластувањето и на здравствените прописи и стандарди“, велат од ОЈО.

Митрев и преку низа јавни настапи користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата го промовирал методот хемофилтрација како одобрен за примена и е ефикасен за лекување од Ковид-19, притоа не смеело да се прикрива фактот дека тој метод не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во Северна Македонија, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена.

Се гледаме на суд, реагираа од болницата „Жан Митрев“ од каде велат дека станува збор за лакрдија од неосновани напади.

„Оваа лакрдија од неосновани напади на суд ќе мора да се докаже, а ќе биде тешко да се докаже бидејќи вистината е дека ниту еден пациент не бил измамен и сите третмани и процеси во болницата биле јавни и транспарентни и во интерес на пациентите. Со тоа на суд ќе падне и самото обвинение на ОЈО, клиниката и во најтешките периоди работеше според највисоки здравствени стандарди, транспарентно и во согласност со веќе утврдени и дозволени методи на лекување, кај нас и во светот“ велат од клиниката.

Државните институции и органи кои го слушале Митрев како го рекламирал овој метод како лек, а ништо не презеле не се опфатени во обвинението. Тоа не е кривична одговорност, смета обвинителството. Овој метод се користел и во други земји, но на пациентите им било јасно кажувано дека хемофилтрацијата не е алтернатива која лекува.

Фиљана Кока