Сторија

Македонка во Германија ја добива најновата терапија за цистична фиброза

10.01.2023 15:17

Македонката Павлина Манавска живее во Германија. Иако не е германски државјанин, таму добива современа терапија за цистична фиброза, која нашата држава сè уште не може да им ја обезбеди на болните. Министерството за здравство вети дека се бара решение...

Триесет и две годишната Павлина Манавска има цистична фиброза. Таа веќе 7 години живее и работи на универзитет во Германија. Во 2021-ва година прв пат добила од најновата терапија за цистична фиброза, за неколку дена проблемите од болеста се намалиле. Пресреќна е што има нов, квалитетен живот.

Павлина прв пат модулатрона терапијата примила пред две години кога била на службен престој во Америка, а кога се вратила во Германија, лекувањето продолжило.

Иако таа е македонска државјанка, а терапијата е прескапа, во никоја од овие две држави тоа не било пречка таа да добие лек.

Пред две недели пациентите со цистична фиброза добија ветување од министерот за здравство дека нивниот проблем, односно набавката на новата модулатрона терапија ќе биде разгледана на Владина седница.

Од Министерството за здравство велат дека се разгледуваат можностите со ФЗО и други надлежни институции, со цел изнаоѓање решение, согласно законските и финансиските можности.

Наташа Јанчиќ- Менковски