При влез во Македонија уапсен Драган Даравелски
Драган Даравелски приведен на „Табановце“. Поранешниот прв човек на македонската Царина со години се бараше со потерница на Интерпол за злоупотреба на службената положба. Во отсуство беше осуден на седумгодишна казна затвор...

Поранешниот прв човек на македонската Царина Драган Даравелски уапсен на граничниот премин „Табановце“. Се обидувал од Србија да влезе во Македонија. Со години живееше во соседната земја, откако во 2007 во отсуство беше осуден на 7 години затвор за злоупотреба на службената положба.
„На граничниот премин „Табановце“ е приведен Д.Д. кој се бараше со меѓународна потерница и ќе биде пренесен во надлежната казнено-поправна установа“, потврдија од МВР.
Даравелски се бараше и со потерница на Интерпол. Во 2016 беше уапсен во Белград, но процедурата за екстрадиција беше стопирана поради неговото српско државјанство. Според обвинението за овој случај, државата била оштетена за 2,5 милиони евра. Како што посочуваат од Министерството за правда, последната екстрадиција од Србија била барана во јуни 2020 година, но досега нема одговор. Драган Даравелски, како поранешен директор на Царинската управа, е осуден за злоупотреба на службената положба во периодот од 1999 до 2002 година, во вредност од над 2 милиони евра. По изречената пресуда во 2007 година, за Даравелски следуваа и низа кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластувања по разни основи, а меѓу нив најтешката е за неуплатување на приходите од царините во буџетот на државата.
Милчо Велески
