Дождот ги уништува градинарските и овошните насади - земјоделците загрижени

01.05.2014 12:54

Изобилните врнежи поволно се одразуваат врз житните култури, но нанесуваат штета врз градинарските и овошните насади. Влагата придонесува за развој на болести и намалување на родот. Земјоделците се загрижени...

Дождот ги избрка земјоделците од нивите, а го уништува производството. Најмалку 15 проценти од градинартските и овоштарските култури во струмичкиот регион се зафатени од болести како последица од големата влажност, сметаат експертите. Фармерите се плашат дека ако не се стабилизираат временските услови, ова ќе биде катастрофална година.

„Домат, а зелката е веќе уништена нема ништо од неа“, вели земјоделец од село Пиперево.

„Имаме расади од домати дома, толкави големи, ама не можеме да ги сееме, многу е мокро. Тоа ќе биде, ќе останат дома, ќе ги фрлиме“, вели друг земјоделец од Пиперево.

Влажна почва, влажен воздух. Нема начин како при такви услови да се проветрат палстеницит. А тоа неминовно доведува до болести, смета професорот од земјоделскиот факултет Душан Спасов. Први на удар се краставиците, доматите, пиперките, а расвцветаните зелки останаа на нивите.

„Имаме голем процент на појава на сивото гниење, има голем процент на појава на пламеницата, има голем процент на појава на белото гниење на краставиците. И самите хемиски третмани не може да придонесат за санирање на тие болести“, вели проф д-р Душан Спасов, од Земјоделски факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Стабилизацијата на времето може да го ублажи, но не и да го реши проблемот. Високите температури, во ситуација на веќе кревки растенија, може да го преполоват родот. Годинава, агро-производството во струмичко најмногу зависи од временските прилики кои следуваат.

Катерина Давчева