Продемократски митинзи низ Бразил
По упадот во конгресот и во други институции, илјадници Бразилци излегоа на продемократски маршеви. Побараа казни за пучистите, но и затвор за поранешниот претседател на државата Болсонаро, кој во моментов е во болница во САД поради проблеми со стомакот. Американците велат дека досега не добиле барање за негова екстрадиција...

Продемократски митинзи низ Бразил како одговор на насилните протести на симпатизерите на екстремната десница. Бараат затворска казна за поддржувачите на екс-претседателот Болсонаро кои ги демолираа владините институции, вклучувајќи ги Врховниот суд, Конгресот, претседателската палата.
„Мора да бидат казнети и тие и нивните шефови, оние кои им даваат пари. Бразил е повеќе од она што го видовме. Тие не се претставници на Бразил, туку сме ние.“
Министерството за правда истражува кој е финансиерот на стотиците автобуси кои ги донесле приврзаниците на Болсонаро во Бразилија. Досега се приведени над 1500 лица.
„Сакаат државен удар, ама тоа нема да се случи. Треба да научат дека демократијата е најсложената работа за нас бидејќи за неа е потребна поддршката за другите, таа нè принудува да живееме со луѓе кои не ни се допаѓаат и со кои не се согласуваме. Но таа е единствениот систем кој дозволува секој да има можност да ја оспори власта и секој што го добие правото да владее“, рече Луиз Да Силва, претседател на Бразил.
И додека неговите поддржувачи се пресметуваа по улиците на Бразил, Болсонаро од далеку ги следеше последните случувања. САД тврдат дека не добиле барање за негова екстрадиција од Флорида – чекор на кој се надеваат демократите – споредувајќи ги бразилските настани со оние во Капитол пред две години.
„Не сме добиле официјални барање од бразилската влада поврзани со Болсонаро“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност.
„Лула побара истрага, познато ми е дека е во тек. Насилството никогаш не е одговор. Бразилските демократски институции ја имаат нашата поддршка“, рече Нед Прајс, портпарол на Стејт департмент.
Левичарскиот ривал на Болсонаро се врати на власт по 12-годишна пауза по победата на вториот круг од изборите во октомври.
Маја С. Филдишев
