Грантови за мали семејни бизниси
Во новиот буџет на Министерството за земјоделство една од главните мерки ќе биде поддршка на малите семејни бизниси. За оваа намена проектирани се вкупно 35 милиони денари, а барателите можат да добијат неповратна помош од 10.000 евра...

Со 35 милиони денари земјоделскиот буџет за 2023 година е насочен кон поддршка на малите производители. Семејните стопанства ќе можат да аплицираат за грант до 600.000 денари.
Тие ќе треба да се регистрираат во Агенцијата за храна и ветеринарство, за да можат да продаваат од куќен праг или од фарма.
Министерството очекува над 2.000 нови регистрирани домашни производители на храна.
За директно снабдување со мали количества млеко до 100 литри дневно треба да се исполнат неколку услови.
Млекото по молзењето треба веднаш да се олади на температура под 4 степени и да се достави до крајниот потрошувач во рок од 24 часа, како пакувано или непакувано. Може да се меша само необработено млеко од две молзења едно по друго.
При продажбата млекарот треба да наведе дека се работи за свежо млеко, име и адреса на производителот, регистарски број на одгледувалиштето и на објектот, датумот на молзење, видот на животното и нето-количеството.
За производство на сирења, урда, кравја маст, кајмак и други производи објектот мора да е регистриран, а количеството на млеко што може да се преработи не може да биде повеќе од 100 литри дневно.
Методија Трајков
