Странските туристи сè побројни во Струга
И оваа година се очекува странските туристи да пристигнат во уште поголем број од минатите години и тоа со почетокот на првомајските празници...
Дождливото време изминатиов период, а посебно за првомајските празници го намали интересот за патување на стружани за разлика од велигденските празници кога раздвиженоста беше поголема.
„Оваа година за првомајските празници е забележан доста помал интерес од претходните години а нашата претпоставка е дека сето тоа се должи на прекраткиот период помеѓу велигденските и првомајските празници. За велигденските празници имаше повеќе слободни денови, малку поубаво време за самите празници и поголем интерес за патување“, вели Елизабета Попоска, туристички работник.
За разлика од домашните туристи, инкаминг туризмот оваа година се очекува рапидно да се зголеми.
„Како што приближува туристичкава сезона за жал со дожд, го очекуваме и првиот чартер лет со туристи на 2 Мај, тоа се првите туристи од Холандија со нашиот партнер Корендор и тоа со чартер лет секој Вторник и Петок, а од 6- ти Мај и првиот чартер лет со туристи од Австрија и Аустриан Аирлајнс, овој пат во многу поголем број од минатите години и нормално оваа година очекуваме и зголемен број на нашите редовни туристи од Турција, рече Ана Јанчева Дудановска, хотелски менаџер.
Судејќи според овие податоци, на струшко-охридската ривиера оваа година се очекува зголемен прилив на странските гости.
Јованчо Наумоски
