Седница на Судскиот совет за одлуката на Апелација за „Таргет-Тврдина“
„Таргет-Тврдина“, „Трезор“, „Транспортер“ и „Алфа“ се четирите предмети кои се најдоа под лупа на Советот, заради, сомнеж дека свесно се одолговлекувале одлуките...

Судскиот совет на седница ќе го разгледува извештајот од вонредната посета на Апелација, кој треба да покаже зошто на неколкумина судии им биле потребни месеци и години да одлучат за одредени предмети. „Таргет-Тврдина“, „Трезор“, „Транспортер“ и „Алфа“ се четирите предмети кои се најдоа под лупа на Советот, заради, сомнеж дека свесно се одолговлекувале одлуките.
Дали евентуално ќе има одговорност, ќе се знае по разгледување на извештајот. Одлуката за работна посета, Судскиот совет ја донесе по реакциите во јавноста, откако Апелациониот суд Скопје ги уважи жалбите на обвинетите за „Таргет-Тврдина“ и случајот со масовното прислушување и уништување на опремата од УБК го врати на повторно постапување пред скопскиот Кривичен суд.
Петтемина апелациони судии одлучиле дека пресудата била нејасна, но, и по еден месец, писменото образложение не е испратено до Кривичниот суд за да се закаже ново судење. Во април застарува кривичното дело за Мијалков кој беше осуден на 12 години затвор.
