Жестоки борби во Украина
Интензивни воени дејствија во Доњецк. Руските паравоени единици Вагнер објавија дека го освоиле источноукраинскиот град. Официјален Киев тврди-војската ги држи позициите..

„Вагнер“ ја презеде контролата над Соледар по интензивните гранатирања, но продолжуваат да се водат улични битки, тврди шефот на руската платеничка група. Од друга страна, украинските власти велат дека нивните сили се спротивставуваат на масовниот напад на русите коишто трпат огромни загуби.
Портпаролот на Кремљ, воздржан за тврдењата дека Соледар е под руска контрола.
„Да не избрзуваме и да чекаме официјални изјави. Имаме позитивна динамика во напредувањето. Успехот во воените дејствија ќе се постигне кога ќе ги постигнеме целите поставени од врховниот командант. Тактички придобивки се многу важни“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Соледар се наоѓа во близина на Бахмут, а низ него минуваат патишта и железници преку кои се снабдуваат украинските војници. За Москва, Бахмут би било важен чекор кон преземање целосна контрола врз Доњецката област. Малкуте жители коишто останаа во градот секојдневно се соочуваат со гранатирања.
„Се трудам да не обрнувам внимание на експлозиите. Живеам со сопствената позитивност во душата“, изјави жител на Бахмут.
„Тука сум родена, овде пораснав, имам 61 година. Сите мои корени се тука“, рече жителка на Бахмут.
Не запираат нападите и врз други украински градови. Руска граната падна во станбена населба на неодамна ослободениот град Керсон.
„Истрчав врескајќи и веднаш се скрив зад два ѕида, како и обично, знаејќи дека ќе летаат шрапнели“, изјави Лариса, жител на Керсон.
Украинскиот претседател Зеленски реши да им го одземе државјанството на четворица истакнати проруски политичари, меѓу кои и олигархот Виктор Медведчук кој минатата година беше префрлен во Русија како дел од договорот за размена на затвореници.
„Ако народните пратеници изберат да не му служат на народот на Украина, туку на убијците кои дојдоа во Украина, нашите постапки ќе бидат соодветни и ова не се последни такви одлуки. Службите работат“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, Кремљ објави дека рускиот претседател Путин е отворен за разговори за кризата во Украина, но позицијата на Киев и на западот во моментов ја спречува можноста за разговори.
Маријана Димовска
