Судски Совет

Држењето во фиока на „Таргет – Тврдина“ е неоправдано

11.01.2023 14:32

Предметот „Таргет-Тврдина“ во фиока во Апелација, судии од Судскиот совет во комисии, на одмори, боледувања. Презентиран извештајот од работната група на судечкиот совет. Судијата известител Енвер Беџети побарал од ве-де претседателката на судот да не му се распоредуваат предмети, не поради нерешени и тешки предмети, туку затоа што ќе имал дополнителен ангажман во комисија. Дел од членовите на Судскиот совет побараа одговорност што не е законски постапено...

Предметот за масовното прислушување „Таргет – Тврдина“ неоправдано се држел во фиоките на Апелацискиот суд, констатира работната група на Судскиот совет. Судечкиот совет со судијата известител Енвер Беџети, девет месеци без причини не донесол одлука за прислушувањето, со што станува извесно застарувањето на предметот за поранешниот директор на управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Работната група утврдила дека Беџети ги решил сите предмети од висок јавен интерес, единствено не го сторил тоа со предметот за Мијалков.

Дел од судиите побараа кривична одговорност, велат неспорно е дека е сложен предметот, но во ЗКП се предвидени дури 60 дена. Апелациските судии се правдале дека работеле на предметот но за тоа никаде нема записи.Судијата Мустафа побара да се изврши увид и за постапувањето на Првостепениот суд каде постапката траела долго и да не се вперува прстот во еден судија.

Главно уверување на Советот е дека доколку имало ангажмани, боледувања или одмори требало судиите да ротираат и да не се дозволи да заостане предметот. Судскиот совет наскоро ќе се произнесе за евентуалната одговорност на судечката петорка од Апелација. Инаку работната група констатира дека нема образложени причини зошто пет месеци писмено се изработувала одлуката за предметот „Трезор“, втор предмет за кој Апелација ја укина пресудата, а со тоа го ослободи Сашо Мијалков. Таму судија известител беше судијката Лирије Елези.

 

Фиљана Кока