Политика

Партиите од албанскиот блок со Рама

11.01.2023 14:46

Ахмети, Тачи, Таравари и Гаши синоќа во Тирана на средба со албанскиот премиер Еди Рама. Единствено првиот човек на БЕСА, Касами, одби да седне на иста маса со лидерот на ДУИ. Се разговарало за меѓусебните односи, евроинтеграциите, но и за отворање на македонскиот Устав, од што зависи судбината на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ...

Односите меѓу двете држави, евроинтеграциите, но и уставните измени – биле темите на состанокот на албанските партии со премиерот Рама во Тирана. Партиските лидери без детали по завршување на средбата. И од партиите и од албанскиот премиер со порака дека освен протоколарна средба не се разговарало за ништо кое треба да ја вознемири јавноста.

Добредојден е секој разговор во насока на задржување на курсот на евроинтеграции, вели премиерот Ковачевски по средбата на Рама со партиите од албанскиот кампус.

Тој истакна дека пораки после тиранската средба се токму во насоката на непречено одвивање на европските интеграции на Македонија и Албанија.

„Секој разговор што ваков човек го има со политички чинители од нашата држава во насока на градење пријателство и добрососедство и во насока на задржување на курсот на европските интеграции го сметам за позитивен и добредојден, со оглед дека во нашиот регион постојат два концепти, а тоа се каде што предводници сме јас, Рама и други премиери – европска интеграција на регионот и другиот концепт во коишто политичари сметаат дека овој регион не треба да биде интегриран во ЕУ. Тие политичари никогаш не понудија алтернатива“, изјави Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ изразува сомневање за причините и целите кои декларативно ги истакнаа учесниците на средбата и премиерот Ковачевски. Партијата и понатаму со став дека средбата е иницирана од премиерот Ковачевски и бараат конкретни одговори, што било договорено во Тирана.

Димитар Ковачевски денеска мора да каже што е договорено во Тирана, каде што повторно е договарано и се договарани зафати и политики за Македонија. Ковачевски денеска мора да каже какви задачи му се испорачани од Али Ахмети. Дали Ковачевски се ќе му испорача на Ахмети од договореното во Тирана, дали се тоа бизниси или нови предавства, само и само за да продолжи коалицијата на криминалот и корупцијата? Дали се тоа лиценци за нови фирми за трговија со струја, дали се тоа прифаќања на дополнителни условувања со бришења во Уставот?, рече Стоиловски.

Ова е втора средба на албанскиот премиер со албанските партии од Македонија. Првата беше пред шест години, од каде произлезе и „Тиранската платформа“.

 

Марина Стојанова Тонева