Фудбал

Четири погледи упатени кон Торино

01.05.2014 14:04

Моментот е „најделикатен“ за Јувентус. Армијата навивачи очекува нивниот „Јуве“ да го надмине дефицитот од 1:2 против силната Бенфика...

И Лигата на Европа  ќе ги добие финалистите. Во Торино, решавачката битка за финалето во Торина ќе водат Јувентус и Бенфика. Втората е шпанска пресметка:Валенсија-Севиља. Четири еминентни фудбалски имиња ја одбележуваат завршницата од Лигата на Европа.
 
Моментот е „најделикатен“ за Јувентус. Армијата навивачи очекува нивниот „Јуве“ да го надмине дефицитот од 1:2 против силната Бенфика и на 14 мај да истрча  во големото финале токму во „Јувентус Арената“ во Торино. Затоа за играчите на „Старата  Дама“ ова  ќе биде вечер на остварување на сопствените амбиции, но и исполнување на желбата на навивачите. Антонио Конте  има  состав за најголеми дострели. Повредата на Видал е неговата главна дилема околу составувањето на тимот. Бенфика со еден гол предност влегува во „второто полувреме“ од дуелот со големиот опонент.Предност драгоцена, особено за состав чија силна компонента е контранападот. По ланскиот неуспех против Челзи во завршниот натпревар во Амстердам, новото финале е во мислите на „Орлите“ од Лисабон.
 
Безброј  пати досега играле меѓусебе Валенсија и Севиља. Патиштата секогаш им се вкрсувале во првенството  и во Купот на Шпанија. Прв пат во клупските истории  се гради в гради  на европскиот фудбалски полигон. Пред една седмица се славеше во Андалузија. Севиља со 2:0 ја надигра Валенсија и ќе истрча вечер на „Местаља“ со голема предност. Валенсија одново е ставена пред тешка резултатска мисија, но сеуште е свеж  подвигот во претходното коло против Базел, кога депресивната негатива од 0:3 беше претворена во фантастичен триумф со 5:0. Фудбалот е чудесен спорт, а големите претстави се мотивот и инспирацијата за неговите протагонисти. И  Валенсија и Севиља  имаат победнички записи од Купот на УЕФА, сега Лигата на Европа. Ќе биде возбудливо и во Валенсија.
 
Двата натпревара започнуваат во 21 часот и 5 минути, со  пренос на МТВ од Торино меѓу Јувентус и Бенфика.