Виена

Османи: ОБСЕ треба да даде резултати во тешки времиња, Украина останува наш главен приоритет

12.01.2023 11:15

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, денес во Виена пред Постојаниот совет на ОБСЕ ја презентираше програмата на претседавањето на Северна Македонија со најголемата светска регионална безбедносна организација...

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, денес во Виена пред Постојаниот совет на ОБСЕ ја презентираше програмата на претседавањето на Северна Македонија со најголемата светска регионална безбедносна организација.

Под слоганот „За луѓето се работи“ претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година ќе биде фокусирано на луѓето, „кои ќе бидат силата што ќе нè води во годината што претстои“, најави пред присутните Османи.

Министерот Османи истакна дека претседателството ќе се стреми кон засилување на теренската работа, што претставува значаен предуслов за подобрување на животот на луѓето, кои се крајни корисници на активностите на ОБСЕ. Северна Македонија ќе ја промовира, поддржува и ќе ја засили работата на ОБСЕ на терен, ќе вложи напори да ја подобри координацијата и заедничката одговорност во реализацијата на активностите, неопходни во донесувањето позитивни промени, најави Османи.

Приоритет на претседавањето на Северна Македонија ќе биде хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност, со акцент на ситуацијата во Украина најави Османи.

Османи во својство на претседавач со ОБСЕ истакна и дека регионалната нестабилност и потенцијалот за нови конфликти ќе бараат континуирано внимание. Тој порача дека треба да се задржат суштинските функции и дејности на Организацијата, водејќи сметка таа да биде способна да им обезбеди поддршка на ранливите региони и да остане флексибилна во справувањето со предизвиците.

Овозможувањето и почитување на основните човекови права и промоцијата на толеранцијата и недискриминацијата како предуслови за сеопфатна безбедност, исто така ќе бидат високо на агендата за време на нашето претседавање со ОБСЕ, рече Османи.

Османи во својство на претседавач со ОБСЕ укажа на неопходноста од е обезбедување дополнителна поддршка на Организацијата за да одговори на својата задача, како што е усвојувањето на единствениот буџет на организацијата што поскоро, додавајќи дека начелата и заложбите не треба да останат само флоскули.

Во своето обраќање го информираше Постојаниот совет за планот за воведување на позиција Специјален претставник на Претседавачот за граѓанско општество, како доказ за посветеноста да одговориме на потребите на луѓето, акцентирајќи дека нема здрава демократија без гласно, живо и истрајно граѓанско општество.

Османи рече дека како земја претседавач со ОБСЕ во текот на целата година очекува поддршка во работата од сите држави учеснички.

Во својство на претседавач со ОБСЕ, во своето обраќање Османи ја претстави намерата да ја покани Финска да се приклучи на форматот Тројка на ОБСЕ и најави дека Северна Македонија е подготвена за предизвикот што ја очекува во 2023 година.

На крајот од обраќањето порача да не постои страв од иднината и да ја трошиме денешницата, туку да работиме за подобра утрешнина, за иднината на ОБСЕ и иднината на луѓето.