Османи ја претстави програмата на ОБСЕ
ОБСЕ треба да даде резултати во тешки времиња, руската агресија во Украина останува врвен приоритет на организацијата. Министерот Османи во Виена го претстави претседавањето со ОБСЕ. Од јануари земјава го презема претседавањето од Полска...

2023 ќе биде предизвикувачка година поради војната во Украина. Сите 57 членки на ОБСЕ мора да се вратат на принципите на организацијата и преку дијалог да спречат или да најдат решение за конфликтите, изјави шефот на дипломатијата Османи, како актуелен претседавач со ОБСЕ, при обраќањето на Постојаниот совет на организацијата во Виена. Тој ги претстави програмата и приоритетите на нашето претседавање.
„Украина ќе остане врвен приоритет. Агресијата мора да престане. Цивилните страдања се неприфатливи. Последиците и цената на овој конфликт за регионот на членките на ОБСЕ и пошироко се огромни. Свесни сме дека постојат и други кризи. Регионалната нестабилност и потенцијалот за нов конфликт ќе бара наше континуирано внимание. Мора да ги продолжиме операциите на ОБСЕ за да ги поддржува ранливите региони и да останеме флексибилни за справување со предизвиците“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Наша должност е да испорачаме за луѓето и да обезбедиме функционално и флексибилно ОБСЕ, рече Османи.
„Се работи за луѓето, ова е наше мото и движечка сила за годинава. ОБСЕ мора да испорача во тешки времиња. Наша должност е да дејствуваме денес за луѓето кои бараат наша поддршка. Мора да ги претвориме зборовите во дела за да обезбедиме функционалност на ОБСЕ“, додаде Османи.
Како претседавач, земјава ќе обезбеди поддршка на операциите на ОБСЕ, за функционална демократија, за заштита и промоција на човекови права, поддршка за граѓанските организации, за одржлив економски раст и за справување со климатските промени.
Ирина Гелевска
