Можни масовни напади во Украина
Русија испраќа нов бран високо обучени војници, регрутирањето се врши во Крим – тврди Генералштабот на украинската војска. Предупредуваат од масивни воздушни и ракетни напади на целата територија на Украина. Жестоките борби за стратешкиот град Соледер продолжуваат...

Во Соледар се води најжестоката битка од почетокот на војната во Украина. Москва објави дека освоила голем дел и од соседниот град Бахмут. Властите на Киев ја опишаа состојбата како многу тешка и најавија дека испраќаат засилување во надеж дека ќе си ги вратат загубените територии. Руски гранати погодија и населби во Луганск, североисточен Харков, Суми, југоисточно Запорожје.
„Ситуацијата на фронтот е напната. Гранатирањето продолжува. Понекогаш пукаат тука-така, вежбаат за планирани цели“, рече член на 28 бригада на украинските вооружени сили.
Постои опасност од авијациски и ракетни напади низ Украина. Русите испраќаат нов бран на високо обучени војници, а регрутирањето се врши во Крим, велат од Генералштабот на вооружените сили на Украина.
„Познато е дека во привремено окупираниот Крим е најавено регрутирање на платеници во новооснованите таканаречени приватни воени компании „Штит“ и „Русич“. Приоритет имаат офицерите“, изјави Олександр Штупун, портпарол на Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Продолжија и промените во челните позиции во руската армија. Нов командант на руските сили во Украина е Валериј Герасимов, кој е началник на Генералштабот на руската армија. Тој дојде на местото Сергеј Суровикин, познат и како „Генерал Армагедон“, кој ќе биде заменик, а со чие доаѓање се интензивираа нападите врз енергетската инфраструктура на Украина.
„Опремата беше оштетена, но брзо ја вративме работата на електричните блокови“, рече Микола, работник во електрана.
Русија ги започна своите широки напади врз инфраструктурата на Украина во есента за да ги парализира енергетските системи на земјата. Алармите за воздушен напад и натаму не се игнорираат. Секогаш кога ќе се огласи сирена, работниците одат во засолништето за бомби.
Маријана Димовска
