Штрајк на вработените од тетовски „Водовод и канализација“
Вработените од секцијата „Водовод и канализација“ при „ЈКП Тетово“, утринава стапија во генерален штрајк, поради неисполнетото ветување за исплата на заостанатите плати и придонеси. Велат дека нема да излегуваат на терен, па макар и да се појават големи дефекти во водоводниот систем. Од раководството на претпријатието, најавија дека проблемот ќе биде надминат наскоро.

На над 80 вработени од секцијата Водовод и канализација, веќе десет години им доцнат платите по неколку месеци, а здравствено осигурување имаат само неколку дена во месецот. Револтот денеска го искажаа преку генерален штрајк пред просториите на секцијата, кој ќе продолжи, сè додека не се исплатат платите.
„Некои не зеле плата два ипол, некои три ипол месеци. И да се појават големи дефекти на новиот водовод и на старата градска водоводна мрежа, нема да ги санираме. Чекаме да се исполни ветеното“, велат вработените.
Од раководството на секцијата „Водовод и канализација“, велат дека настанале некои технички проблеми со жиро-сметката на општината, од каде според последната одлука на Советот, треба да се исплатат заостанатите плати на вработените со договори на дело.
И вработените од секцијата „Комунална хигиена“ при „ЈКП Тетово“ пред еден месец преку штрајк го изразија револтот поради неисплатените плати. „ЈКП Тетово“ тоне во долгови повеќе од една деценија.
Започнат е процес за поделба на претпријатието во три правни субјекти, што според општинските власти стопанисувањето ќе биде многу поедноставно, а со тоа и финансиското менаџирање попрактично.
Зоран Димовски
