Пронајдено возилото и дел од златото со кое разбојниците побегнале по вчерашниот грабеж во Струга
01.05.2014 14:36
Вчера околуи 18:30 часот во Струга, во златара „Циркон“, пет маскирани лица, вооружени со огнено оружје извршиле разбојништво одземајќи разновиден златен накит...

Доцна синоќа во близина на македонско-албанската граница пронајдено е возилото кое го користеле разбојниците што вчера попладнето во центарот на Струга ограбија златарница.
„Од синоќа трае истрагата на полициските службеници во врска со кривичното дело разбојништво извршено во златара во Струга. Доцна синоќа на шумски пат на потегот Мали Влај, во близина на македонско албанската граница пронајдено е возилото марка Ауди, кое го користеле сторителите на разбојништвото. Возилото е пронајдено по обемен преглед на теренот на овој потег при што е пронајдено и дел од одземеното злато“, соопшти портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Вчера околуи 18:30 часот во Струга, во златара „Циркон“, пет маскирани лица, вооружени со огнено оружје извршиле разбојништво одземајќи разновиден златен накит, при што на излегување испукале неколку куршуми, а потоа се упатиле во непознат правец. Повредено е лицето Р.К. (42) кој се здобил со повреда од огнено оружје во пределот на ногата.
Тројца повредени е билансот на вчерашниот грабеж на златара во струшката чаршија. Како што изјави хирургот Берат Лени од општата болница во Струга, двајцата повредени со кундак од пиштол се добро и вон животна опасност и се пуштени на домашно лекување, додека повредениот од истрел на огнено оружје исто така е вон животна опасност, но е префрлен во болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид на понатамошна операција и лекување.
Полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителите.
Јованчо Наумоски
