Струга

Закони за заштита на животните има, но не се спроведуваат

12.01.2023 13:41

После масакрот на десетина кучиња во Струга активистите бараат надлежните институции да преземат итни мерки за хуман третман на уличните кучиња. Пратениците од Струга велат власта нема волја да го реши проблемот, кој се провлекува со години...

Закони за заштита на животните во земјава има, но тие се мртво слово на хартија. Не се спроведуваат. Бездомните животни секојдневно се изложени на нехуман третман.

Тепање, убивање, труење, малтретирање на уличните животни е секојдневие. Активистите обвинуваат надлежните институции не преземаат ништо.

„Итно мора да се реши овој проблем, состојбата е алармантна и итно ама итно мора да се преземат мерки за уличните кучиња. Ние како љубители, активисти кои спаѓаме во Здруженијата за заштита на животните апсолутно не оправдуваме да има глутници туку да се тргнат, а институциите да го решат проблемот“, вели Снежана Билко активист.

Од друга страна стружани секојдневно мака мачат со агресивните бездомни кучиња кои секојдневно напаѓаат. Струшкиот пратеник Аџиоски, кој поднесе амандман за изградба на соодветно прифатилиште, вели власта нема волја да го реши проблемот.

„Изградбата на ова прифатилиште ќе го решеше трајно овој проблем со кучињата, а понатака ова прифатилиште можеше да прерасне во Регионален стационар за згрижување на улични кучиња каде што и околните општини ќе се справат на тој начин со уличните кучиња“ вели Мирче Аџиоски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ од Струга.

Активистите се децидни, надлежните мора да преземат итни мерки пред да се случи некој нов масакр, како оној пред два дена кога со пушка беа убиени десетина кучиња во Струга. Тие за утре најавуваат масовен протест пред Влада.

 

Соња Рилковска