САД

Пронајдени нови доверливи документи на Бајден

12.01.2023 14:41

Пронајден втор сет доверливи документи од времето кога Бајден беше потпретседател на Америка. Јавниот обвинител побара истрага...

Соработниците на американскиот претседател Бајден открија нова серија доверливи документи на втора локација за која не се дадени повеќе детали. Првиот пакет од десетина документи беше пронајден во приватна канцеларија во Вашингтон која ја користел по напуштањето на администрацијата на Барак Обама. Материјалите се однесуваат на извештаи од разузнавачките служби и податоци за Украина, Иран и Обединетото Кралство.

„Ме известија за ова и се изненадив кога дознав дека постојат владини записи кои се однесени таму во таа канцеларија, но не знам што има во документите. Адвокатите ми сугерираа да не прашувам што е во документите. Ги предадов кутиите, тие ги однесоа во Архивата и целосно соработуваме со ревизијата која се надевам дека ќе заврши наскоро“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.

Новинарите сомничави околу транспарентноста на Белата куќа која нема прецизен одговор за задоцнетото известување за документите кои биле пронајдени уште во ноември.

„Кога неговите адвокатите дознаа за постоењето на овие документи, тие ги предадоа во архивата. Постапија правилно. Нема да одам подалеку од она што моите колеги од советникот на Белата куќа го споделија со многумина од вас“, изјави Керин Жан Пјер, прес-секретар на Белата куќа.

Новоформираното републиканско мнозинство во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес почна истрага. До Министерството за финансии бараат информации за финансиските трансакции на претседателското семејство. Демократскиот лидер е под лупа на републиканците откако неговото Министерство за правда лани почна истрага за доверливите документи кои беа пронајдени во резиденцијата на Флорида на екс-претседателот Доналд Трамп.

 

Маја С. Филдишев